Градоначалничката Данела Арсовска денеска ја разреши в. д. директорка на ЈП „Лајка“ Тина Петрушевска и на нејзино место го именува Воислав Димитровски. Како што соопштија од Град Скопје, Димитровски бил предлог на здруженијата за заштита на животните, како најдобро решение за претпријатието што извршува дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување систем за контрола на популацијата кучиња.
„Димитровски по професија е ветеринар, магистер во областа на ветеринарното јавно здравство, национален консултант на ФАО за благосостојба на животните, проект лидер на УНДП за решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на Југозападниот Реон на Македонија. Од Ветеринарната комора на Македонија е назначен како координатор за решавање на проблемот со бездомни кучиња на територијата на Македонија“, се вели во соопштението на Град Скопје.
„Лајка“ како посебно јавно претпријатие за третман на уличните кучиња беше формирано во 2019 во времето на ексградоначакникот Петре Шилегов.
Арсовска вчера го смени и в. д. директорот на депонијата „Дрисла“ Коста Начевски, а на негово место го постави Јане Мицевски, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Сопиште на локалните избори.
А. АНТЕВСКА