ПО 40 ГОДИНИ ПОЧНА ИЗГРАДБА НА ТОПЛОВОДНА МРЕЖА ОД РЕК, ЗА БИТОЛА ДА СЕ ГРЕЕ НА ПАРНО

    ПО 40 ГОДИНИ ПОЧНА ИЗГРАДБА НА ТОПЛОВОДНА МРЕЖА ОД РЕК, ЗА БИТОЛА ДА СЕ ГРЕЕ НА ПАРНОЗа проектот подигнат е кредит од германската КФВ банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ ќе инвестира 7 милиони евра сопствени средства. (Фото: СДК.МК)

    По 40 години постоење на РЕК Битола денеска конечно почна изградба на топловодна мрежа за Битола, Могила и Новаци со топлинската енергија од комбинатот.  За проектот подигнат е кредит од германската КФВ банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ ќе инвестира 7 милиони евра сопствени средства.

    „Еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. Трасата на топловодот ќе поминува низ Новаци и Могила, кои се две рурални општини кои во значајна мера се потпираат на земјоделството, и топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот“, изјави Васко Ковачевски, директор ЕСМ.

    Во план е за почеток да се приклучат 35 државни и општински инстутуции во Битола, кои ќе користат една третина од капацитетот на системот, а со другите две третини да се задолволат потребите за греење на зградите и индивидуалните куќи. Проектот за топлификација пред повеќе години го најави ВМРО-ДПМНЕ, но Ковачевски рече дека бил во застој зашто првичниот проект бил економски неисплатлив и еколошки неоправдан.

    „Претходно немаше стретегија што со топлификацијата кога РЕК Битола веќе нема да произведува струја од јаглен. Сега имаме решение- замена на дел од капацитетот на РЕК со когенеративна електрана на гас, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Имаше нерешени имотно-правни односи, сега ги решаваме, со експропријација. Претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме, сега ќе има потстаница на природен гас“, објасни Ковачевски.

    Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека топлификацијата ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина и ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање.

     

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира