Сообраќајот во Скопје е парализиран. Веќе три часа цел град е блокиран, семафорите на крстосниците се исклучени, па колите стојат во место. Низ центарот на градот буквално не може да се помине и секаде има колони возила. Крстосниците се заглавени, возилата стојат во едно место по еден час.
Од ЈП „Улици и патишта“, кое е надлежно за работата и одржувањето на крстосниците, велат дека Министерството за внатрешни работи (МВР) пред три часа без никаква најава ги исклучило семафорите и не знаат за што станува збор ниту пак кога пак ќе проработат.
„Знаеме дека цело Скопје е вистински хаос. Не е блокиран само центарот туку гужба има од Карпош до Драчево. Колите не мрдаат, не можат да се пропуштат ниту возила на Брза помош, па со пациенти стојат заглавени во гужвата“, велат од ЈП „Улици и патишта“.
Од МВР велат дека семафорите се исклучени и на секоја крстосница има полиција за да се воведе поголема проточност на возилата во сообраќајот. Од таму велат дека гужви низ центарот на Скопје има постојано во шпицевите, а денеска поради дождот има поголем број возила.
А. АНТЕВСКА