На вториот дел од Боемската улица во скопско Дебар Маало поставени се 50 високи жардиниери. Како што вели градоначалникот Горан Герасимовски, жардиниерите се поставени за решавање на проблемот со паркирани коли секој ден долж улицата.
„Жардиниерите ќе ги заменат досегашните ниско-подни бетонски топки. Воведуваме ред во сообраќајот на Боемска улица на сметка на зголемување на безбедноста на движењето на пешаците“, вели Герасимовски.
Дополнително, во жардиниерите се засадени и 50 садници од ниско урбано зеленило, кои како што вели Герасимовски, освен што ќе ја разубават улицата ќе го намалат загадувањето и ќе придонесат кон заштита на животната средина.
Улицата Боемска секоја вечер е блокирана од коли, а тоа е така од нејзиното отворање во времето на ексградоначалникот Андреј Жерновски. Гостите на кафеаните слободно си ги оставаат колите кај ќе стасаат на улицата и никој не ги казнува ниту пајак ги крева возилата.
А. АНТЕВСКА