Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) добил ветување од претставници на парламентарното мнозинство дека законот со кој неделата се прогласува за неработен ден за сите ќе биде изгласан уште следната недела. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, бил на средба во Собранието додека во центарот на Скопје се одржуваше работнички протест.
Законот во петокот помина во собраниската Комисија за труд и социјална политика, и треба да се гласа на пленарна седница.
„Добивме уверување и ветување дека законот за недела како неработен ден ќе биде изгласан уште следната недела и ќе важи од 1 јануари. Што се однесува до минималната плата, и тоа предложено законско решение нема да го бојкотираат, само се плашат да не се стави некој амандман, бидејќи не сите пратеници го поддржаа покачувањето на платите, па така и на минималната. Но, ќе се истурка и тоа законско решение, барем до крајот на јануари“, кажа Димовски пред насобраните.
Работниците велат деха решиле на улица да го искажат својот револт бидејќи пратениците досега биле глуви на нивните барања и не ги гласале потребните закони, со кои би се подобрила ситуацијата за македонските работници додека цените постојано растат.
„Сакаме јасно да им кажеме на пратениците дека тука сме повеќе од 61 и дека по вторпат не можат да нѐ изиграат за законското решение да не се работи во недела, според кое 92% од работниците денеска требаше да одмораат, а 8% да земат дневница зголемена за 50%. Затоа ги повикувам уште утре да го изгласаат ова законско решение и да го променат законот за минимална плата, која треба да изнесува 60% од просечната плата, односно 18.000 денари, како што најави премиерот. Исто така, бараме регрес, односно К-15 за сите работници и да престане да се прави дискриминација помеѓу јавен и приватен сектор“, кажаа од ССМ пред Собранието.
Од протестот беше испратена порака до Организацијата на работодавачи да не се забранува синдикално организирање во големите фирми.
„Недозволиво е да се забранува синдикално организирање во големи компании кои бројат од 3.000 до 5.000 вработени, тоа го нема никаде на светот. Нека се подготват добро и нека очекуваат синдикален напад во наредниот период. Доаѓаме во вашите компании“, кажаа на протестот.
Г. КОНЕВ