Општина Карбинци бара од надлежните служби да ја преиспитаат носивоста на главниот регионален мост на реката Брегалница кај селото Долни Балван кој ја поврзува оваа Општина со магистралниот пат Штип-Кочани. Велат дека мостот попуштил за дваесеттина сантиметри од надојдената река и бројните наноси на откорнати тополи и врби кои се насукале на главните носечки столбови на мостот.
„Иако реката Брегалница, нејзините води и корито се грижа и обврска на Водостопанското претпријатие, сепак заради мостот моравме ние уште во текот на вчерашниот ден со механизација да ги отстраниме дрвата што се попречиле на главните носачи на мостот “, вели градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Тој објаснува дека од превентивни причини веднаш го известил Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) да ги информира учесниците во сообраќајот, посебно на тешките товарни возила да го избегнуваат овој мост и на истиот да внимаваат како го поминуваат оти токму на средина веќе е направена мала вдлабнатина од попуштањето на главните носачи. Истовремено, Општината и официјално побарала од стручни лица да изготват елаборат за издржливоста и носивоста на мостот со барање ако е потребно мостот и да се забрани за сообраќај до неговото комплетно санирање.
Во соседната општина, Чешиново-Облешево од обилните врнежи на дожд и натаму поплавени се дворовите на голем број куќи во селото Облешево и соседните села покрај реката Брегалница. Дворовите на поплавените куќи утрово поради ниските температури преку ноќта се претвориле во замрзнати езерца. Жителите бараат од Општината и Противпожарната единица во Кочани веднаш по одмрзнувањето на поплавените дворови да се изврши испумпување на водата која веќе навлегла во подрумските простории на голем број куќи и направила големи штети..
Т. ЈОВАНОВСКИ