ЕУ НЕ ДАДЕ ДАТУМ ЗА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МАКЕДОНИЈА, ОСТАНУВА ВЕТОТО НА БУГАРИЈА

    ЕУ НЕ ДАДЕ ДАТУМ ЗА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО МАКЕДОНИЈА, ОСТАНУВА ВЕТОТО НА БУГАРИЈАВо денешните заклучоци за проширувањето на Советот за општи работи на ЕУ се вели само дека меѓувладините конференции со Макеоднија и Албанија се очекуваат што е можно поскоро. (Фото: СДК.МК)

    Европската Унија (ЕУ) не спомна датум кога ќе се одржат првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија, во денешните заклучоци за проширувањето на Советот за општи работи се вели само дека тие се очекуваат што е можно поскоро.

    „Советот со нетрпение го очекува одржувањето на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро по одобрувањето на преговарачките рамки од страна на Советот”, се вели во заклучоци за проширувањето кои ги усвоија министрите и претставниците на земјите-членки на ЕУ на состанокот на Советот за општи работи.

    Ова е последен совет за време на шестмесечното словенечко претседателство со ЕУ, а Бугарија останува на блокадата на преговорите за Макеоднија, што беше навестено деновиве и од техничката влада, и од новиот премиер Кирил Петков.

    Како што јави дописничката на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Брисел, заклучоците за проширувањето биле под знак прашалник и на овој состанок, а словенечкото претседателство го преформулирало речникот во делот на поглавјето за отворање на преговорите со Македонија за да се задоволи бугарското барање и истовремено да се избегне повторна блокада.

    Имено, во нацрт документот за кој денеска расправаа европските претставници се наведуваше дека се очекува преговорите за членство да почнат што е можно поскоро во текот на оваа година, а кога ќе се усвои преговарачката рамка. Обврската за почеток на преговорите оваа година, според изворите на РСЕ, била неприфатлива за официјална Софија и затоа е тргната. Усвојувањето на заклучоците беше многу важно за европските институции за да не дојде до иста ситуација како минатиот декември кога не беше постигнат консензус.

    „Пакетот на усвоени заклучоци за проширувањето е ремек-дело на способноста на ЕУ да изгради компромис во духот на соработката“, рече потпретседателката на Европската Комисија Вера Јурова.

    Следниот состанок во Брисел е на Европскиот совет в четврток, но таму нема да биде новиот бугарски премиер Петков, туку претседателот Румен Радев. Петков рече дека во моментов приоритет му се кризите внатре во државата. Зборувајќи за позицијата кон Македонија на првиот владин состанок, Петков рече дека се слушнале телефонски со македонскиот премиер Зоран Заев, разговарале за идејата за работните групи и како тие ќе бидат структуирани за кратко време.

    „Во јануари очекуваме јасен план за работните групи, да се вклучи културата, инфраструктурата и економијата како дополнување на таа за историјата. Треба да направиме акциски план и на почетокот на јануари овие работни групи да имаат реални резултати, да дадат идеја да ги унапредиме преговорите на пооперативен план“, рече Петков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира