ПОСТОЈНИТЕ КОВИД ВАКЦИНИ СЕ ПОМАЛКУ ДЕЛОТВОРНИ ПРОТИВ ОМИКРОН, ВЕЛИ СЗО

    ПОСТОЈНИТЕ КОВИД ВАКЦИНИ СЕ ПОМАЛКУ ДЕЛОТВОРНИ ПРОТИВ ОМИКРОН, ВЕЛИ СЗОСЗО вели дека омикрон го зголемува ризикот од повторна зараза (Фото: СДК.МК)

    Првичните докази сугерираат дека постојните вакцини против ковид-19 би можеле да бидат помалку делотворни против новиот сој омикрон, што значи дека постои и поголем ризик од повторна зараза, објави Светската здравствена организација (СЗО). Таа додава дека се потребни повеќе информации за подобро да се разбере до кој степен омикрон може да го избегне имунитетот стекнат од вакцина или претходна зараза.

    „Како резултат на ова, севкупниот ризик поврзан со овој нов сој на коронавирусот останува многу голем“, се вели во нов извештај на СЗО.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека се очекува омикрон да стане доминантниот сој на коронавирусот во ЕУ до средина на јануари.

    „Како и многумина од вас, и јас сум тажна што Божиќ уште еднаш ќе биде засенет од пандемијата. Последниот пораст на бројот на заразени се должи исклучиво на делта сојот и она што нè загрижува е што омикрон допрва доаѓа и се чини дека е уште позаразен“, изјави Фон дер Лајен.

    Во Велика Британија, бројот на заразени со омикрон се удвојува на секои два-три дена и Фон дер Лајен вели дека тој се шири и во ЕУ со слична стапка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира