„Приберете си ги сестрите, ви ги помина цело Скопје!“, ова е дел од транспарентот што навивачката група „Комити“ го истакна во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола за време на вчерашниот ракометен натпревар Еурофарм Пелистер-Вардар 1961. Тој покрена лавина реакции од активистки за женски права, кои бараат да се прекине со испраќањето омаловажувачки пораки за жените при препукувањата на навивачките групи.
„Се прашувам што е спортско во ваквите навивања? Важи за сите ‘навивања’. Навивачките групи мора, меѓу другото, и да се урнек за спортско однесување, посебно за младите. Нулта дискриминација и говор на омраза“, вели Татјана Крчева, активистка и членка на Комисијата за еднакви можности во претходниот Совет на Општина Битола.
Фотографијата со транспарентот „Смислете нешто оригинално што ќе нè допре и приберете си ги сестрите, ви ги помина цело Скопје“ ја објави и навивачката група „Комити“ на својата фејсбук страница. Напишаа и дека конечно се симна 30-годишната забрана за присуство на „комити“ на натпреварите со Пелистер во битолската сала.
„Конечно вистинско ракометно дерби, и на терен и на трибини“, велат тие,
Недолични пораки за жените со години наназад се испишуваат на навивачки транспаренти, но на тоа се гледало како дел од навивачката кореографија и ретко кој реагираше.
Наспроти ваквите пораки, Еурофарм Пелистер побара од навивачите и симпатизерите на полувремето да фрлат плишани играчки наменети за децата од ранливи категории. Целта беше да ги потенцираат вистинските вредности што се пренесуваат преку спортот. Теренот беше прекриен со плишани мечиња, кои пред празниците ќе завршат во вистински раце.
Ж. ЗДРАВКОВСКА