Лекари-педијатри од Скопската клиника за педијатрија ќе работат во Одделот за детски болести во Охридската болница, кој повеќе од месец дена е затворен поради недостиг на педијатри и работи само со амбулантски прегледи. Министерот Венко Филипче вчера од Охрид рече дека нема трајно решение за дефицитот на лекари-специјалисти кој, како што рече, се јавува на повеќе места во државата па проблемот привремено ќе се решавал со систем на ротација.
„Токму поради тоа, интервенираме тука во Охрид со тоа што двајца педијатри ќе бидат пратени во следниот период од Скопската клиника за педијатрија и ќе бидат континуирано присутни. Тој систем на ротација ќе го задржиме додека не најдеме некое друго трајно решение“, изјави Филипче.
Според него, со предложените измени на Законот за здравствена заштита ќе се овозможи било кој лекар од било која јавна или приватна здравствена установа да може да дежура, со што ќе се овозможи во текот на денот да се обезбеди потребниот кадар.
„Верувам дека со оваа измена ќе се направи една значајна промена, ќе имаат можност лекарите-специјалисти да работат не само во својата установа туку насекаде низ државава, да се дисперзираат различни специјалности и да може лекарите но и сестрите како дел од тимовите дополнително да заработат, а граѓаните да ја имаат услугата блиску до местото на живеење“, вели Филипче.
Засега, болните деца од Охрид се хоспитализираат во Општата болница во Струга, оти двајцата специјалисти кои можат да лекуваат деца се доволни само за амбулантски прегледи и тоа само во работни денови, а за викенд болните деца се упатуваат во Струшката болница.
Од Општата болница во Струга за САКАМДАКАЖАМ.МК минатиот месец рекоа дека имаат капацитет да ги згрижат пациентите од Охрид.
„Ние сме тука моментално шест доктори кои го покриваме Детското одделение и Неонатологија. Се правеа напори да одиме во Охрид, но тоа нема да може да успее. Компромис сега во ваква состојба е итните случаи да ги примаме. Отворени сме 24 часа за какви било случаи“, рече д-р Вулнент Бектеши, неантолог-педијатар.
Струшката болница има и доволно болнички кревети за хоспитализација.
„Имаме 18 кревети, мислам дека се доволни. Работиме по распоред, бидејќи покриваме и Неонатологија. Двајца сме преку цел ден, има лекар дежурен и тој број од 6 педијатри засега е доволен и спремни сме да го пребродиме овој период“, додаде д-р Бектеши.
С. ВРЕНЦОВСКА