Првиот часовник од колекцијата „Своч на кирилица“, по дизајн на графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, на брендот „Божиновски“, наречен „Дениција“ ќе отпатува за Дубаи, Финска, Канада, Грција и Австрија, благодарение на аукцијата организирана од македонскиот бренд.
На аукцијата учествуваше и „Дајнерс клуб Македонија“ со чија помош е основана новата фондација на „Божиновски“, наменета за стипендирање на млади домашни уметници. „Дајнерс“ купи пет часовници од ограничената серија на часовникот „Дениција“ којшто беше изработен во триесет примероци.
Часовникот е дизајниран со мотив од познатата едиција „Жени“ на авторот и симболично го доби името Дениција.
„Инспириан бев од загадочната и бескрајна љубов која ја опејува еден од најзначајните македонски писатели, Петре М. Андреевски. Име кое асоцира на изгрејсонце, на ѕвездата Деница, на светлина, плодност, убавина, но и на татковина“, вели Кардула.
Едицијата „Своч на кирилица“ е платформа која ја одбележува триесетгодишнината од независноста на Македонија.
„Навистина сме среќни што сме дел од основањето на фондацијата ‘Божиновски’ чија цел е да ги поддржи младите македонски уметници да го реализираат својот потенцијал, бидејќи тие претставуваат вистинско богатство на нашата земја. Како компанија цврсто веруваме дека инвестирањето во талентот и креативноста се од голема важност, особено во време кога младите уметници творат и делуваат со ограничениможности“, велат од „Дајнерс клуб Македонија“.