Најмногу жалам што не се изгради нов Клинички центар, и апелирам до опозицијата да го одблокира законот во Собрание, оти граѓаните заслужуваат модерно здравство, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Стоматологот Беким Сали се најавува како иден министер за здравство, како предлог на Алтернатива, новиот коалиционен партнер на Владата. Новиот состав на Владата, по оставката на премиерот Зоран Заев треба да го соопшти мандаторот и нов претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.
Филипче денеска беше во посета на Клиниката за ортопедија, и одговараше на новинарски прашања за тоа што го прави горд и за што најмногу жали за изминатите години на оваа функција.
„Жалам што не успеваме да го започнеме проектот за нов Клинички центар, јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се направи здравствениот систем на највисокото ниво на здравствена заштита, тоа е терциерната. И покрај сите овие реновирања кои ги правиме за да се модернизираат сите овие услови во кои работиме, сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бара и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура која не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам да опозицијата во периодот кој доаѓа да го одблокира законот. Тој е одличен. Граѓаните заслужуваат нова модерна болница“, кажа Филипче.
Министерот, како што кажа, е горд за тоа се реоганизираше здравствениот систем во време на пандемија на ковид-19, и како, здравствените работници покажале дека со многу ентузијазам, љубов, труд да се обезбеди соодветен третман за сите. Тој е исто така горд, меѓудругото, што платите на лекарите двојно се зголемени.
Филипче рече дека не се познава лично со Сали, но дека ќе инциира состанок со него за да му ги пренесе искуствата.
„Мојата порака до секој функционер е да биде отворен, транспарентен и достапен за новинарите во секое време“, кажа министeрот.
Б. НЕСТОРОСКА