Омикрон се чини поблаг сој на коронавирусот, покажуваат прелиминарните истражувања во Јужна Африка и Велика Британија. Раните докази сугерираат дека помалку луѓе бараат болничко лекување во споредба со другите варијанти, при што намалувањето се движи меѓу 40% и 70%.
И покрај тоа, остануваат грижите дека поради нов голем пораст на бројот на заразени болниците би можеле да бидат преполнети. Велика Британија оваа недела регистрираше 100.000 нови случаи на коронавирус во еден ден за првпат од почетокот на пандемијата.
Следејќи ги коронавирусот и бројот на хоспитализирани, шкотските истражувачи велат дека доколку омикрон се однесуваше како делта, би се очекувало 47 луѓе веќе да бидат примени во болница, а моменталната бројка е 15. Тие додаваат дека бројот на заразени кои бараат болничко лекување е помал за две третини.
„Ова се многу добри вести, но важно е да не се опуштиме. Омикрон се шири неверојатно брзо и голем број новозаразени може да го поништи фактот дека е поблаг“, вели професорот Нил Фергусон од Империјалниот колеџ во Лондон.
И истражување спроведено во Јужна Африка покажало дека бранот со омикрон е поблаг и дека заразените имаат 70%-80% помали шанси да имаат потреба од болничко лекување.
Истражувачите сметаат дека ова се должи како на основните својства на омикрон, така и на високото ниво на имунитет што е постигнато со вакцинирањето и претходните инфекции. Поради стекнатиот имунитет меѓу населението, се проценува дека ризикот од хоспитализација по зараза со омикрон е помал за 40% во споредба со делта.