Економската криза и најавеното зголемување на цената на струјата дополнително ќе влијаат врз загадување на воздухот, велат од Град Скопје. Од Градот велат дека голем број граѓани годинава се решиле да се греат на дрва што придонесува за зголемено загадување.
„Покрај неодговорната работа на претходното градско раководство, сигурен проблем во справувањето со загадениот воздух оваа зима ќе биде и економската криза која директно удира по граѓаните. По најавите за драстично зголемување на цената на електричната енергија, дел од граѓаните најавуваат дека за огрев ќе користат дрва, што дополнително негативно ќе се одрази на загадувањето на воздухот“, велат од Град Скопје.
Во буџетот на Град Скопје за 2022 година, кој треба да се усвои на седницата в среда, се предвидени трипати помалку пари за животна средина споредено со оваа година. Во ставката за животна средина се предвидени 73 милиони денари, а оваа година по овој основ беа предвидени 213 милиони денари.
Од Град Скопје велат дека претходната градска власт не направила ништо за решавање на проблемот со загадување, а новото раководство веќе започнало со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух.
„Уште во првите денови од својот мандат, градската администрација почна интензивно да ги чисти сите диви депонии кои беа детектирани на територијата на Град Скопје. Преку модернизација на јавниот превоз, директно да се влијае и да се подобри квалитетот на воздухот. Покрај тоа, планирани се нови велосипедски патеки, субвенции за купување на велосипеди и електрични тротинети, со што ќе се мотивираат граѓаните да користат алтернативен превоз. Град Скопје во план има и изградба на пет мега паркови, со што ќе се зголеми зеленилото во градот“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА