Домашни групи и пејачи ќе настапат на дочекот на Нова година на Плоштадот Македонија во Скопје. Како што соопштија денеска од Град Скопје, на плоштадот програмата ќе започне во 21 часот, а ќе настапат групите „Пука козметика“, „ДНК“ и „Нокаут“, фолк пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова, како и диџеј Славе.
„Три општествено одговорни компании, се одважија во време на економска и енергетска криза, да придонесат за организацијата за свечениот дочек на Новата година“, велат од Град Скопје.
Оваа година новогодишно украсување има само во дел од центарот на градот и со многу помалку украси за разлика од минатите години, бидејќи градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот од 240.000 евра со фирмата „Линк медиа плус“. Потоа, рече дека се договориле со општествено одговорни компании Скопје бесплатно да се украси градот, но иако тоа беше најавено дека ќе се случи на 10 декември, новогодишните лампиони и елката светнаа на 20 декември.
На Плоштадот се организира и новогодишниот базар „Винтерленд“ за кој од буџетот се потрошија 33.000 евра.
А. АНТЕВСКА