ТРУДОВИОТ ИНСПЕКТОРАТ ПОЧНА СО ДЕЖУРНИ КОНТРОЛИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН

    ТРУДОВИОТ ИНСПЕКТОРАТ ПОЧНА СО ДЕЖУРНИ КОНТРОЛИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕНРаботодавачот е должен пред започнувањето на работата да го извести Државниот инспекторат за труд преку посебен образец за вршење работа во недела. (Фото: К. Попов)

    Државниот инспекторат за труд (ДИТ) почна со дежурства во недела по региони и ги повика сите работници да пријават прекршувања на нивните права во врска со работењето во недела. Вчера стапи на сила Законот за работните односи со кои недела станува неработен ден.

    Пријавувањето може да се направи преку интернет страницата www.dit.gov.mk, со поднесување пријава во архивите на подрачните одделенија и централата на ДИТ, на телефонскиот број 15131 или кај дежурните инспектори по региони, за кои можат да се добијат повеќе информации на https://dit.gov.mk/?p=9833.

    Според Законот, во над 40 дејности каде што не може да се прекине техничко-технолошкиот процес во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата. Работниците во трговија на мало и трговија на големо, денот на неделен одморго користат во согласност со Законот за трговија. Во случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од нив или кога таква несреќа непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето и спречување на непоправлива материјална штета.

    Сите овие работници кои ќе работат во недела, покрај правото на додаток на плата имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела е најмалку 50% за секој час поминат на работа, ако со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.

    Работодавачот е должен пред започнувањето на работата да го извести Државниот инспекторат за труд преку посебен образец за вршење работа во недела.

    Собранието на 20 декември го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со што недела беше прогласена за неработен ден, што беше едно од главните барања на Сојузот на синдикати на Македонија. Со новото законско решение, недела ќе биде неработен ден за 92% од работниците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира