Во САД се регистрирани над еден милион нови случаи на коронавирус, додека здравствените власти велат дека врвот на ширењето на омикрон допрва треба да дојде. Универзитетот „Џонс Хопкинс“ објави дека вчера се потврдени 1.080.211 новозаразени, што е најголема дневна бројка од почетокот на пандемијата каде било на светот.
„Земјата се соочува со речиси вертикално зголемување на бројот на нови случаи, а врвот на ширењето можеби е неколку недели пред нас“, изјави водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи.
Претходниот рекорд беше 590.000 нови случаи, пријавен пред четири дена.
Фаучи додаде дека примерот на Јужна Африка дава некаква надеж, бидејќи таму омикрон брзо се ширел, пред да спласне. Исто така, стапката на смртност и хоспитализација во САД е доста помала во споредба со претходните бранови. Според „Џонс Хопкинс“, изминатата недела од ковид-19 починале 8.652 лица.