САД и Русија утре во Женева ќе ги почнат клучните стратешки разговори кои би можеле да ја обликуваат иднината не само на нивните односи, туку и на односите меѓу САД и нивните сојузници во НАТО. Во прашање се судбината на Украина и потенцијално пошироката европска стабилност по Студената војна, но слаби се изгледите за евентуален договор.
Иако непосредната закана од руска инвазија на Украина ќе биде на врвот на агендата на серијата состаноци на високо ниво што ќе започнат утре, има низа акутни, но главно неповрзани спорови, кои се движат од контрола на оружјето до сајбер криминал и дипломатски прашања, кои Вашингтон и Москва треба да ги надминат за да се намалат тензиите. И распоредувањето руски војници во Казахстан изминатава недела исто така може да фрли сенка врз разговорите. Иако разговорите имаат голема тежина,сепак, има големи разлики во нивните почетни позиции за да се очекува брз договор, а нивото на недоверба се чини повисоко од кога било по распадот на Советскиот Сојуз.
Според објавените детали за американската позиција, нема да се исполнат руските барања. Властите рекоа дека ако Русија е подготвена да отстапи од Украина, САД се отворени за дискусии за ограничување на можните идни распоредувања на офанзивни ракети во Украина и за ограничување на американските и воените вежби на НАТО во Источна Европа. Но, тие исто така рекоа дека Русија ќе биде тешко погодена со економски санкции ако интервенира во Украина. Покрај директните санкции за руските субјекти, тие казни може да вклучуваат значителни ограничувања на производите што се извезуваат од САД во Русија и потенцијално производите произведени од странство кои подлежат на јурисдикција на САД.
Русија сака од разговорите првично да добие формално обврзувачки безбедносни гаранции за себе, со ветување дека НАТО нема дополнително да се шири кон исток и отстранување на американските војници и оружје од делови на Европа. Но, САД и нивните сојузници велат дека тие се позиции намерно дизајнирани од Москва за да го одвлечат вниманието од главните теми. Тие инсистираат на тоа дека секоја руска воена интервенција во Украина ќе предизвика „масивни последици“ кои драматично ќе ја нарушат руската економија дури и ако имаат глобални ефекти.
Во обид да ги спречи напорите на Русија да сее раздор на Западот, администрацијата на Бајден јасно нагласи дека ниту Украина ниту Европа пошироко нема да бидат исклучени од каква било дискусија за безбедноста на Украина или на Европа. Амариканските власти велат дека ниту една од овие теми нема да може целосно да се игнорира кога високи американски и руски дипломати утре ќе разговараат во Женева, пред пошироките состаноци во Брисел и Виена во среда и четврток, кои можеби подлабоко ќе ги истражат тие прашања.