Новак Ѓоковиќ призна дека ги прекршил правилата за изолација откако имал позитивен тест за коронавирус на 16 декември, опишувајќи го тоа како погрешна проценка. Во долг пост на Инстаграм, најдобриот светски тенисер напиша дека отишол на интервју само два дена откако дознал дека е заразен.
„Чувствував обврска да отидам и да го направам интервјуто со ‘Л‘Екип‘ зашто не сакав да го изневерам новинарот. Цело време држев дистанца и носев маска, освен кога ме фотографираа“, вели Ѓоковиќ.
Францускиот весник потврди дека Ѓоковиќ носел маска цело време. Новинарот Франк Рамела изјави дека му било кажано да не го прашува Ѓоковиќ за вакциналниот статус, па затоа не го прашал ни дали се тестирал пред доаѓањето.
Српскиот тенисер сè уште е во неизвесност дали ќе игра на Отвореното првенство на Австралија, кое почнува в понеделник, иако федералниот суд во Мелбурн завчера ја укина одлуката да му се поништи визата и нареди негово пуштање од имиграцискиот притвор. Министерот за имиграција располага со дискреционо право да поништи чија било виза и да го депортира Ѓоковиќ, но тој сè уште не се огласил по ова прашање.
Ѓоковиќ додаде дека извештаите дека се појавил и на други јавни настани по позитивниот тест се дезинформација.
Истовремено, тој призна дека дал лажна изјава во Австралиската патна декларација дека не патувал никаде 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн, иако од социјалните мрежи се гледа дека во тој период бил во Србија и Шпанија, но додаде дека таа била пополнета од негов агент.
„Мојот агент згреши при пополнувањето на секцијата во формуларот за моите патувања. Тој се извини за административната грешка. Тоа беше човечка грешка и секако не беше намерна. Мојот тим ѝ даде дополнителни информации на австралиската влада со цел да се расчисти ова“, кажа Ѓоковиќ.