КАЈ ПЕНДАРОВСКИ ДОАЃААТ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, ЗДРУЖЕНИЕТО НА МАКЕДОНЦИ ОД БУГАРИЈА КОЕ ДОБИ 11 ПРЕСУДИ ВО СТРАЗБУР ПРОТИВ ДРЖАВАТА

    КАЈ ПЕНДАРОВСКИ ДОАЃААТ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, ЗДРУЖЕНИЕТО НА МАКЕДОНЦИ ОД БУГАРИЈА КОЕ ДОБИ 11 ПРЕСУДИ ВО СТРАЗБУР ПРОТИВ ДРЖАВАТАДатумот на средбата кај Пендаровски се уште не е одреден, не се знае ни со каква цел или барање претставници на македонското здружение доаѓаат кај шефот на државата (Фото:СДК.МК)

    На барање на ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија, претседателот на Македонија Стево Пендаровски ќе прими нејзини претставници на средба, но датумот и терминот уште не се договорени, вели кабинетот на шефот на државата.

    „Претседателот даде согласност дека ќе ги прими претставниците на ОМО „Илинден Пирин“. Кога ќе се утврди датумот на средбата, јавноста ќе биде известена“, одговорија од кабинетот на Пендаровски.

    Нема најавена цел на посетата, ни теми на дискусија, ниту пак број на посетители – претставници на оваа организација кои ќе дојдат кај Пендаровски.

    Оваа организација е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна, најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права против неа и редовен победник во споровите.

    Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Ниту неа, ниту последвателните 10 добиени пресуди, Република Бугарија ги спреведе до денеска! А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од страна на бугарските власти.

    Во мај 2020 година „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ го доби шест ипол-годишниот спор со државата Бугарија пред Европскиот суд за човекови слободи и права, зашто тамошните власти одбиваа да го регистрираат како здружение. „Македонскиот клуб“ од Благоевград и претседателот на управниот одбор на здружението Ангел Кирилов Радонов, во октомври 2013 година поднеле тужба до Стразбур оти година дена претходно, Бугарија одбила здружението да го регистрира.

    Според пресудата, Бугарската влада тврдела дека одбивањето да се регистрира здружението е базирано врз уставните начела и според нив, бугарските судови постапиле правилно. Одбивањето било поради целите на здружението, кои „биле насочени против унитарноста на бугарската нација и, исто така, биле политички по природа и затоа клубот требало да се регистрира како политичка партија“. Бугарската влада кажала дека здружението требало одново да поднесе барање за регистрација под новата регулатива, која била воведена на почетокот на 2018 година.

    Здружението, пак, пред Судот во Стразбур тврдело дека целите во целост му се во согласност со бугарскиот устав и забележало дека овој суд многупати оценил дека има прекршување на членот 11 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи во случаите поврзани со Бугарија.

    Судот во Стразбур пресуди дека е прекршен членот 11 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со тоа што не била дозволена  регистрација на здружението. Исто така, ѝ наложи на Бугарија во рок од три месеци да им исплати на оштетените 7.500 евра.

    Членот 11 од Конвенцијата вели дека секој има право на слобода да се здружува со други.

    Во пресудата немаше обврска и наложување од Судот во Стразбур ова здружение задолжително да се регистрира во Бугарија. Регистрацијата и натаму останува на волјата на тамошните власти.

    Токму за ова одговараше на новинарски прашања претседателот на Европскиот суд за човекови права и слободи Роберт Спано, кој на петти ноември беше  во Скопје.  Според него, секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана да ги спроведува пресудите на судот, но тие како суд не се извршно тело и немаат овластување да го следат спроведувањето на своите одлуки.

    „Општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“, рече Спано.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали Судот во Стразбур има механизми на присилба за спроведување на пресудите, тој одговори дека нема и дека за спроведувањето на одлуките е надлежен Комитетот на министри.

    „Кога Европскиот суд изрекува пресуда, ако смета дека државата е одговорна за прекршување на правата и треба да плати отштета, изрекува таква пресуда во која се смета дека државата е одговорна и секако дека може да имате слични пресуди кои се однесуваат на слични кршења на правата од страна на државата и судот повторно ќе донесе такви свои одлуки. Следењето на спроведувањето на одлуките, дали преку промена на националните закони или дали државата ја платила оштетата, тоа го следи Комитетот на министри. Самиот суд нема извршна моќ, нема извршни овластувања да го следи извршувањето на своите пресуди како што имаат националните судови во националните системи. Во рамки на Советот на Европа имаме точна дистинкција меѓу Европскиот суд како тело кое носи пресуди и Комитет на министри кое е извршно тело, односно се грижи за извршување на истите“, кажа Спано.

    Комитетот на министри на Советот на Европа го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите членки и тој се состанува еднаш годишно.

    На последниот состанок, во јуни годинава, Комитетот на министри го разгледуваше спроведувањето на пресудите против Бугарија и изрази загриженост што и по 15 години од првата пресуда на Судот во Стразбур против Бугарија за одбивањето да го регистрира здружението ОМО Илинден, на здруженијата кои се борат за признавање на македонското малцинство во Бугарија, постојано им се одбива регистрацијата.

    Советот на Европа има 47 земји членки. Македонија претседаваше со Комитетот во 2010 година, а актуелен претседавач е Унгарија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира