СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ПАРНО, ЕСМ ЌЕ УПРАВУВА СО БЕГ ДОДЕКА ТРАЕ КРИЗАТА, РЕКОА ОД ВЛАДАТА, ЛИЦЕНЦАТА НА КОМПАНИЈАТА НЕМА ДА СЕ ОДЗЕМЕ

    СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ПАРНО, ЕСМ ЌЕ УПРАВУВА СО БЕГ ДОДЕКА ТРАЕ КРИЗАТА, РЕКОА ОД ВЛАДАТА, ЛИЦЕНЦАТА НА КОМПАНИЈАТА НЕМА ДА СЕ ОДЗЕМЕБЕГ договориле со ТЕ-ТО на одложено плаќање да им дава гас до потпишување на договорот за деловно-техничка соработка меѓу нив и ЕСМ.(Фото: СДК.МК)

    Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе управува со „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) додека трае енергетската криза.  Нема да ѝ биде одземена лиценцата на БЕГ и покрај најавите од Регулаторната комисија за енергетика. Од БЕГво четвртокот рекоа дека од 15 јануари нема да може да испорачуваат топлинска енергија, односно Скопје нема да има парно.

    На денешната прес-конференција на вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторна комисија Марко Бислимоски беше кажано дека Владата донела одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

    „Граѓаните ќе имаат парно греење. Донесена е Уредба со која се овозможува Владата преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија. АД ЕСМ денес потпиша Договор за набавка на електрична енергија со ТЕ-ТО до 31 јануари. За реализација на овој договор  ТЕ-ТО ќе произведе дополнителни количини на топлинска енергија покрај електричната, со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдувањето во овој период“, рече министерот Бектеши.

    Директорот на Регулаторна комисија Марко Бислимовски кажа дека ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење на БЕГ за да има непрекината испорака на топлинска енергија на сите граѓани во Скопје.

    „Во овој период преку ЕСМ на некој начин ќе се внесе еден вид принудна управа на БЕГ. До завршивање на грејната сезона цел бизнис ќе биде под целосно управување на ЕСМ“, кажа Бислимоски.

    Министерите не одговорија конкретно на новинарските прашања зошто не им е одземена лиценцата на БЕГ иако вчера велеа дека не може државата да управува во криза со претпријатието, а потоа тие во мај да се вратат како ‘принцеви на бели коњи‘.

    Директорот на БЕГ Димитар Кочовски кажа дека од утре скопјани ќе имаат парно, односно ќе испорачуваат топлинска енерегија затоа што е договорено  ТЕ-ТО на одложено плаќање да им дава гас до обезбедување на ликвидност и до потпишување на договорот за деловно-техничка соработка меѓу нив и ЕСМ.

    На новинарско прашање зошто ситуацијата не се реши побрзо и што се смени сега за да се постигне договор со БЕГ, вицепремеирот Фатмир Битиќи кажа дека другите страни во целиов процес станале поразумни.

    „Се случи разговор на две страни кои се обидоа да станат поразумни. БЕГ и ТЕ-ТО ги најдоа сите можни начини како да бидат соработливи. Само во разговор може да се најде решение“, кажа Битиќи.

    Мандатарот на новата Влада Димитар Ковачеевски за постигнатото решение околу снабдувањето со топлинска енергија на својот фејсбук профил напиша „Грижата за нашите сограѓани не е предизборен памфлет, туку преземање одговорност кога е најпотребно.“.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира