Четиринаесет лица викендов се казнети за фрлање ѓубре и палење оган на јавна површина. Екипи на Инспекторатот на Град Скопје составени од комунални инспектори и инспектори за животна средина, затекнале две лица кои палеле оган на отворено во Шуто Оризари. Во општината Бутел, во близина на последната автобуска станица на линијата број 57, фатено е лице како незаконски фрла отпад, за што е казнето.
Изминатиов викенд, комуналните редари имаа акција во Градскиот парк и казнија 11 лица за непочитување на законските прописи и фрлање ѓубре на јавна површина во паркот.
„Градот Скопје го продолжува засилениот инспекциски надзор на јавните површини. Неселективно ќе се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА