Албанскиот премиер Еди Рама ги повика лидерите од Западен Балкан да ги одбијат додворувањата од надворешните сили и да ја зачуваат вербата во нивниот сон за членство во Европска Унија.
„Албанија никогаш нема да се откаже од Европа и Европска Унија, без разлика како таа изгледала во иднина“, изјави Рама за весникот „Фајненшл тајмс“, укажувајќи дека политичарите од блокот се изложени на преголеми националистички притисоци.
Тој е загрижен за растечкиот национализам во Босна, но смета дека национализмот во ЕУ е уште поголема пречка за амбициите на регионот да се придружи на Унијата.
„ЕУ никогаш не заздрави од мигрантската криза во 2015. Оттогаш, ЕУ се води од страв, а не од аспирации, а владите кои не се екстремни сами по себе се под влијание на екстремите. Кога Албанија пред речиси две децении го почна процесот на пристапување кон ЕУ, важно ѝ беше да се оттргне од балканскиот национализам. Денес, проблемот не е балканскиот национализам, туку национализмите на ЕУ. Она што нè оддалечува од ЕУ е влијанието на национализмите врз политичкиот живот во важните членки на ЕУ“, вели Рама.
Тој признава дека чекањето стана фрустрирачко, додавајќи дека регионот е под опсада на недолични додворувачи, кои не ги именуваше.
„Другите можат да донесат пари, инвестиции, можеби и кавијар, но нема да можат да го донесат она што е потребно за да се изгради функционална слободна држава“, вели Рама.