ЈАНЕВА БАРА ДА ПРИСУСТВУВА НА ГРАЃАНСКАТА ПАРНИЦА НА КАМЧЕВ ПРОТИВ НЕА, СИНОТ ЛАЗАР КОЈ Ѝ Е АДВОКАТ, ПОНУДИ ДА ГИ ПЛАТИ ТРОШОЦИТЕ ЗА СПРОВОД ОД ИДРИЗОВО

    ЈАНЕВА БАРА ДА ПРИСУСТВУВА НА ГРАЃАНСКАТА ПАРНИЦА НА КАМЧЕВ ПРОТИВ НЕА, СИНОТ ЛАЗАР КОЈ Ѝ Е АДВОКАТ, ПОНУДИ ДА ГИ ПЛАТИ ТРОШОЦИТЕ ЗА СПРОВОД ОД ИДРИЗОВОКамчев со тужба против осудените во „Рекет“ и против СЈО и ЈО бара да му се вратат милион ипол евра. - Катица Јанева на судење за „Рекет“ (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот граѓански суд Скопје се собраа адвокатите на подготвителна расправа во граѓанската парница Јордан Камчев против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец (тројцата осудени во „Рекет”), како и против Јавното обвинителство и поранешното СЈО.

    Во пресудата во Кривичниот суд за „Рекет”, Камчев е сведок, а не оштетен и не е упатен на Граѓанскиот суд да бара отштета. Но, со тужбата сепак бара обесштетување од коруптивно однесување.

    Со тужба против тројцата и против државата, тој бара да му се вратат милион ипол евра. Не е познато зошто го тужи СЈО, кое не постои.

    Камчев ја поднел тужбата есента, откако станаа правосилни пресудите во случајот „Рекет” на Јовановски од девет години затвор, на Катица од 7 и на Милески од 3 години.

    Зошто се тужени обвинителствата, непознато е, а странките не изнесуваат детали дури парницата не почне.

    Камчев не дојде на денешната расправа, го застапува Александар Михајловски адвокат. Сашо Дуковски е адвокат на Бојан Јовановски, кој е во затвор.

    Лазар Јанев, син на Катица Јанева, е нејзиниот бранител. Тој на почетокот го замоли судијата Андреј Димовски да одобри спровод на тужената Јанева од затворот Идризово, бидејќи сака да присуствува на расправите, што е нејзино законско право.

    Судијата спомна дека потребно е трошоците за спровод да се платат, а го истакна и моментот за одолговлекување на постапката кога би се одело со носење на тужената од затвор.

    „Вие судија одобрете, јас ќе ги платам трошоците за спровод, зашто тужената сака да присуствува на оваа расправа”, рече Јанев.

    Адвокатот Владимир Медарски, ополномоштен од Александар Новаковски, на почетокот, на судијата му достави потпишана изјава од Јордан Камчев, дека се откажува од побарување на штета од Зоран Милески, осудениот во „Рекет”, кој призна вина.

    Фитим Касапи е правобранителот кој го застапува Обвинителството.

    Расправата се одложи за 14 февруари, зашто одговорот на тужбата странките не го ископирале во доволен број примероци и не го размениле меѓу себе.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира