НОВИОТ ПРИСТАП ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЌЕ ДОНЕСЕ РЕЗУЛТАТИ САМО ВО КОРИСТ НА БУГАРИЈА, ПРЕДУПРЕДИ ДИМИТРОВ

    НОВИОТ ПРИСТАП ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЌЕ ДОНЕСЕ РЕЗУЛТАТИ САМО ВО КОРИСТ НА БУГАРИЈА, ПРЕДУПРЕДИ ДИМИТРОВИспраќањето на нотата до ОН беше гест на добра волја и мислам дека со затворањето на едно прашање не губи никој, вели Маричиќ. - Никола Димитров; Бојан Маричиќ (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров предупреди дека новиот пристап на македонската влада за решавање поединечно на прашањата со Бугарија, место сите одеднаш како досега, најверојатно ќе даде резутати, но во корист на другата страна. Двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, за време на  средбата во вторникот во Скопје се пофалија дека го решиле проблемот со нашето кусо име, но Димитров вели дека Бугарија не направила каква било отстапка.

    „Додека бев внатре го држев другиот пристап – ништо не е договорено додека не се договорат сите прашања – како што јавно кажа мојот наследник (Бојан Маричиќ, н.з.) вчера. Вториот ден без мене пристапот и суштината се смени во ‘салама’ тактика. Велат дека сега со новиот пристап сме имале резултати веднаш – Софија ‘прифатила’ да го користи краткото име, нешто што само по себе не е наш проблем, туку нивен и нивно барање. За ова неосновано барање да биде прифатено ние пративме нота до ОН што Софија ја бараше две години и не ја добиваше, без притоа да направи било каква отстапка“, напиша Димитров денеска на Фејсбук.

    Бојан Маричиќ, кој дојде на местото на Димитров во новата влада, обвини дека е симптоматично што истовремено критики за решавањето на проблемот со кусото име дошле и од Димитров и од поранешната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

    „Ако забележавте, во истиот ден и од кај нас дел од критичарите, вклучувајќи го и господинот Димитров, кажаа дека ова е погрешен потег кој ги заслабнува нашите позиции, но во исто време, на пример, и поранешната бугарска министерка за надворешни работи Захариева рече дека ова е лош потег, со кој Софија влегла во стапица на Скопје. Во истиот ден, од двете страни се настапи негативно од луѓето кои буквално до вчера беа во овој процес“, изјави Маричиќ во денешното гостување во „Утрински брифинг“.

    Маричиќ вели дека нотата која ја испративме до ОН дека немаме територијални претензии кон Бугарија не е наш последен, туку прв адут и не може да нанесе штета.

    „Впрочем, затвораме една од трите блокади што ги имаме. Едната блокада беше за краткото име, втората е за јазикот, а третата е за почеток на преговорите. Една значи сме решиле, сите останати прашања, тоа не значи дека ќе ги делиме едно по едно, треба да ги решаваме во целина и на крајот од тој процес да имаме решение за сите отворени прашања. Ова беше гест на добра волја и мислам дека со затворањето на едно прашање не губи никој, напротив“, објаснува Маричиќ.

    Димитров засега не кажува конкретно каква штета е направена со нотата до ОН, за каде што вели дека атрибутите на државата се затворени. Но, предвидува дека со ваквиот нов пристап на македонската влада, решението ќе биде на наша штета.

    „Да се разбереме, никој никогаш не спорел дека ваков пристап би дал резултати – ама во корист на другата страна. Ако овој нов пристап се развива и кулминира, никој не спори и дека решение е можно, претпоставувате какво“, вели Димитров.

    Бугарија досега го користеше исклучиво долгото име Република Северна Македонија, затоа што наводно, терминот „Северна Македонија“ вклучува и територија во рамките на Бугарија и поради тоа може да покрене понатамошни проблеми во регионот и да покрене неосновани тврдења против Бугарија.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира