Ирец кој одбил да носи маска за време на летот од Даблин за Њујорк и ѝ го покажал задникот на стјуардеса може да добие 20 години затвор ако биде прогласен за виновен за напад, соопшти министерството за правда на САД.
Дваесет и деветгодишниот Шејн Мекирни е обвинет дека предизвикал вознемиреност на летот на „Делта ерлајнс“ од 7 јануари. Тој се појави во суд во Њујорк една недела подоцна, при што доби обвинение за намерен напад и заплашување на член на екипажот, стои во судските документи.
Покрај тоа што постојано одбивал да стави маска, тој фрлил лименка со пијалак, погодувајќи еден патник во глава и потоа си ги соблекол панталоните и гаќите и си го покажал задникот пред патниците и една стјуардеса.
Мекирни патувал за Мајами, каде што требало да почне да работи во фудбалска академија. Во очекување на судењето, тој бил пуштен со кауција од 20.000 долари.
Федералната агенција за авијација во јануари 2021 соопшти дека ќе спроведува политика на нулта толеранција кон лицата кои одбиваат да носат маска во домашните авиони.