Во основното училиште „Васил Главинов“ во Велес е отворена сензорна соба за учениците со попречености. Во училиштето има најголем број ученици од оваа категорија од Велешко, Тука настава посетуваат 15 ученици со различна форма на попреченост, пет се со аутизам.
„Отворањето на оваа сензорна соба има огромно влијание и е голем чекор во инклузивноста во основното образование. Без разлика на степенот и видот на попреченоста со кое се соочува секое дете, ќе може максимално во една безбедна и стимулативна средина да ги оствари своите потенцијали и можности. Во оваа соба ќе се стимулираат различни сетила, се обезбедува визуелна, аудитивна, дактилна, вестибуларана стимулација. Сè со цел да се стекнат знаења кои ќе му помогнат да напредува во училишните знаења и во социјалните вештини“, рече Сања Ѓорѓиеска ,дефектолог во „Васил Главинов“.
Училницата е опремена по најсовремени стандарди за учениците со попречености, кои се најранливата категорија во образованието.
„Во нашето училиште настава посетуваат ученици со попречености од целиот град. Тоа е така оти имаме услови за нивен престој и држење настава, ние сме најинклузивно училиште во општината. Имаме пристапна рампа и лифт за учениците со телесна попреченост, адаптирани тоалети. Оваа соба беше неопходна за учениците кои имаат било каков проблем со однесувањето, со концентрацијата“, – кажа Тања Индова, дефектолог во школото.
Директорот на школото Сашко Чоков изрази благодарност од Филип Иванов, пастор на Евангелската црква, кој единствено се одѕвал на повикот од училиштето да се опреми и уреди сензорната соба. Ова е втора соба која Евангелска црква ја опремува во Велес, претходно тоа го сторила и во Посебното основно училиште „Маца Овчарова“. За големиот ентузијазам и вложување во помош на ранливите категории во Велес и Велешко, во ноември Иванов ја доби општинската награда „9 Ноември“.
Во „Васил Главинов“ има училница за индивидуална дефектолошка работа со учениците со атипичен развој и потешкотии во учењето. Таа е опремена со голем број асистивни уреди и апарати за ученици со оштетен вид и е една од трите во земјава, другите се во Битола и Тетово.
П. ПЕЧКОВ