Џо Бајден ја предупреди Украина дека постои јасна можност Русија да ја нападне следниот месец, кога за тоа ќе се создадат соодветни услови на терен. Москва вчера кажа дека постои малку оптимизам за решавање на кризата, откако САД и сојузниците од НАТО ги одбија сите нејзини главни барања.
Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски имаа телефонски разговор, во кој наводно не се согласиле околу тоа кога Русија би можела да ја нападне Украина. И додека Зеленски сметал дека тоа може да се случи во секое време, Бајден и некои воени експерти веруваат дека Русија би можела да ја почне инвазијата кога теренот ќе замрзне, при што нападот би се одвивал од правецот северно од Киев.
Пред осум години, Русија го анектираше полуостровот Крим на крајот на февруари.
„Претседателот Бајден кажа дека постои јасна можност Русија да ја нападне Украина во февруари. Ние предупредуваме за тоа веќе со месеци“, изјави портпаролката на Националниот совет за безбедност на Белата куќа, Емили Хорн.
За време на разговорот, Бајден го уверувал Зеленски дека САД и сојузниците се подготвени решително и заеднички да ѝ одговорат на Русија во случај на инвазија.
Русија досега постојано негираше дека планира да ја нападне Украина, иако распореди 100.000 војници покрај границата и организира воени вежби.