РЕШЕНИЈАТА ЗА ИЗОЛАЦИЈА НА ЛИЦАТА СО КОВИД-19 ЌЕ СЕ ОБЈАВУВААТ НА ВЕБ СТРАНАТА НА ДРЖАВНИОТ ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    РЕШЕНИЈАТА ЗА ИЗОЛАЦИЈА НА ЛИЦАТА СО КОВИД-19 ЌЕ СЕ ОБЈАВУВААТ НА ВЕБ СТРАНАТА НА ДРЖАВНИОТ ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАОдлуката е донесена за да се намали временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување.(Фото: СДК.МК)

    Решенијата за изолација на лицата позитивни на ковид-19 и лицата кои имале контакт со заразен, ќе се објавуваат на веб страната на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во Службен весник. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница поради зголемениот број заразени граѓани со ковид-19 и намалениот период на изолација.

    „Податоците ќе бидат објавени во најбрз можен рок, при што нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно целосно ќе бидат запазени стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци. Оваа одлука е донесена со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни лица“, се вели во соопштението од Владата.

    За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните. Како што објаснуваат од Владата, потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација.

    На 26 јануари, Владата го намали периодот на изолација за позитивните без симптоми од 10 на 7 дена од денот на тестирањето, а на оние кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно имаат симптоми, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето плус три последователни денови ако лицето е без покачена телесна температура.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пред три дена пишуваше дека има граѓани кои оздравеле од ковид-19, а решенија за изолација уште не добиле.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира