Властите на Ротердам потврдија дека ќе размонтираат историски мост за да може да помине новата суперјахта на основачот на „Амазон“, Џеф Безос. Луксузната јахта долга 127 метри е изградена од холандската фирма „Океанко“ и е премногу висока за да може да помине под мостот Де Хеф. Портпаролот на градоначалникот изјави дека Безос ќе ја плати сметката за привремено отстранување на средната секција на мостот.
Потегот предизвика контроверзи зашто челичниот мост има долга историја и важи за национален споменик. Откако во 2017 беше целосно реновиран и вратен во функција, властите кажаа дека нема повторно да биде размонтиран.
Од кабинетот на градоначалникот кажаа дека се премислиле зашто изградбата на пловилото отворила нови работни места и ветија дека мостот ќе биде вратен во сегашната состојба.
„Тоа е единствената маршрута кон морето“, кажа портпаролот.
Лидерот на проектот Марцел Валравенс појасни дека немало да биде практично јахтата да се доврши на некое друго место.
„Проектот беше многу важен од економска перспектива и ја нагласи позицијата на Ротердам како поморска престолнина на Европа“, кажа Валравенс.
Позната како „Y721“, јахтата на Безос е вредна 430 милиони евра и ќе биде најголема на светот.