Претседателот Стево Пендаровски смета дека нема ништо спорно во денешното заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев со Бугарија. Според него, тоа нема да пречи на работата на историската комисија ниту може да се третира како притисок што побрзо да се најде заедничка формулација.
„Мислам дека е чин на добра волја од двете страни, за да се олабават малку тензиите кои, за жал, во последнава година се високи поради бугарското вето. Ова го гледам само во таа насока, не како чин кој ќе ни одмогне да најдеме заедничко решение, туку ќе ни помогне“, рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека надворешната политика ја водат премиерите, Пендаровски кажа говорите на Петков не се со навредувачка реторика.
„Јас мислам дека Кирил Петков не оди навредливо, не оди со реторика која беше стандардна дневна рутина посебно од некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено, од она што го слушам од Петков откога е премиер е како да зборува Нелсон Мандела во споредба од она што зборуваа некои министри од Владата на Борисов, кога имаше дневна количина на навреди кон нас и како нација и како народ“, рече Пендаровски.
Претседателот денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, а потоа ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)”. Изложбата е подготвена од Државниот архив, а е под покровителство на претседателот Пендаровски.
А. АНТЕВСКА