ОВОШТАРИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ АВАНСНА СУБВЕНЦИЈА, А ОД 2023 И ПОЛЈОДЕЛЦИТЕ, ГРАДИНАРИТЕ, ЛОЗАРИТЕ И СТОЧАРИТЕ

    ОВОШТАРИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ АВАНСНА СУБВЕНЦИЈА, А ОД 2023 И ПОЛЈОДЕЛЦИТЕ, ГРАДИНАРИТЕ, ЛОЗАРИТЕ И СТОЧАРИТЕМинистерот Љупчо Николовски ја презентираше Владината програма за развој на земјоделството во 2022. (Фото: Влада на РСМ)

    Владината програма за развој на земјоделството предвидува во текот на оваа година овоштарите да добиваат линеарна авансна субвенција во тековната година од 12.000 денари, остатокот во мај наредната година.
    Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како пример наведе дека за 1 хектар со јаболка во тековната година ќе се исплаќаат по 12.000 денари, а остатокот од 38.000 денари во мај наредната година.

    Образлагајќи ја усвоената Владина програма за 2022, Николовски кажа дека тоа авансно субвенционирање ќе се однесува и за останатите гранки, но не од оваа, туку од 2023 година. Ќе има корекции и на зелената нафта, па ако досега се добивале 1.250 денари за хектар, сега ќе биде 1.413 денари по хектар или за 13 проценти повеќе од лани.

    „Наредната, 2023 година со 30 проценти авансно субвенционирање ќе важи и за полјоделците, градинарите и лозарите, посебни поволни мерки ќе има и за сточарите и за нивното производство на млеко, а субвенциите од 2.800 денари ќе се зголемат на 3.100 денари по грло. Ќе има редовна и задолжителна мерка за заклано женско јагне во регистриран кланичен капацитет од 1 јануари 2022 до 31 мај истата година и за задолжителен период на чување од 3 месеци пред да се предадат на кланиците“, најави Николовски.

    Како мерка против злоупотреба, Николовски кажа дека субвенциите ќе имаат лимит на 300.000 евра, која не може некаде да изнесува и до милион евра како досега. За да се изврши усогласување на нашето земјоделство со европското, како што рече Николовски, треба да бидат донесени три нови закони, Законот за земјоделство, Законот за рурален развој и Законот за пазарите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира