Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја повлекоа поддршката за проектот на обнова на зграда во косовскиот град Митровица зашто е поврзана со политичар кој бил соработник на нацистичкиот режим.
„Се откажуваме од учеството во обнова на историска зграда во Митровица“, се вели во заедничкото соопштение на ЕУ и ОН, пренесе агенцијата ДПА.
Објектот од 1930-ите изграден во модернистички стил требаше да биде претворен во културен центар. Проектот е спорен зашто неговиот сопственик Џафер Дева бил колаборационист на германскиот окупатор во Втората светска војна. Дева бил основач на СС-дивизијата „Скендербег“, која регрутирала Албанци.
„УНДП и ЕУ изразуваат длабоко жалење поради случајната навреда нанесена со најавата дека ќе покренат обнова, при што ја занемарија историската позадина на Џафер Дева“, се вели во нивното соопштение.
Косовскиот министер за култура Хајрула Чеку не ја дели нивната загриженост.
„Ние не охрабруваме историски ревизионизам и не рехабилитираме историски личности“, изјави тој.