Нема никаков застој во производството на струја и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини во системот, велат од државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), откако главниот град остана без струја поради пожар на трафостаница на МЕПСО во недела попладне.
Според компанијата производството на електрична енергија од АД ЕСМ тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби. Работат двата блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготино, хидроелектраните според потребите, а се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор.
Попладнево скопјани останаа и без парно греење. Од ЕСМ која го презеде управувањето со БЕГ додека трае енергетската криза велат дела во системот за парно греење во Скопје прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите.
„Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица“, објаснуваат од ЕСМ.
Попладнево цело Скопје остана без струја откако во близина на трафостаница на МЕПСО во Пинтија изби пожар. Директорот на МЕПСО Орхан Муртезани вели дека напојување било прекинато за да може пожарникарите да интервенираат.
А. АНТЕВСКА