Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, неодамна го објави списокот на 544 лица со кои неговата претходничка Теута Арифи склучила 811 договори за дело. Според договорите, тие примале хонорари од 9.000 до 30.000 денари месечно.
Касами посочи и дека дел од овие лица воопшто не доаѓале на работа, иако редовно ги земале хонорарите. Тој најави дека ќе ја прекине ваквата пракса и дека јавно ќе ги објави сите договори на дело што ќе ги склучи со физички лица за потребите на општината. Деновиве, на официјалната фејсбук страна на Општина Тетово беа објавени имињата на осуммина хонорарци кои работеле во кабинетот на Касами во декември 2021, за што зеле месечен надоместок од 10 денари.
„Залагајќи се за максимална транспарентност, Општина Тетово го објавува списокот на договори на дело склучени за декември 2021. Има вкупно осум доброволни договори од по 10 денари. Овие лица се дел од кабинетот на актуелниот градоначалник. Овие договори се склучени помеѓу физички лица и Општина Тетово. Исто така, ве известуваме дека овој тренд на транспарентност ќе продолжи тековно и сите договори на дело ќе се објавуваат секој трет месец на веб-страницата и на фејсбук страница на Општина Тетово“, се вели во објавата од Општина Тетово.
Според канцеларијата за односи со јавност на Општина Тетово, овие лица ангажирани ќе продолжат и понатаму да работат во општината, но хонорарот за 2022 ќе им биде многу повисок. Тие договори ќе бидат јавно објавени на почетокот на март.
З. АНДОНОВ