Швајцарија утре ќе ги укине речиси сите коронамерки откако рекордните бројки на заразени предизвикани од сојот омикрон не довеле до зголемувањето на бројот на хоспитализирани.
„Швајцарија презема решавачки и важен чекор кон враќањето во нормала“, изјави претседателот Игнацио Касис.
Од утре, граѓаните веќе нема да мора да покажуваат ковид пропусница за влез во барови, ресторани, театри, концертни сали и спортски објекти. Таа досега служеше како доказ за вакцинирање, прележан ковид-19 или за негативен ПЦР тест.
Исто така, во затворени места веќе нема да треба да се носи маска, со исклучок на јавен превоз и здравствени установи и се укинуваат ограничувањата за јавни и приватни собири. Лицата кои имаат позитивен тест за коронавирус ќе мора да бидат во изолација пет дена.
„Ако ситуацијата се подобри, во март ќе бидат укинати сите преостанати мерки“, кажаа од владата, која ги воведе строгите рестрикции во ноември по појавата на омикрон.