Австралија повторно ги отвори своите граници за странските посетители по речиси две години, овозможувајќи емотивни обединувања на семејствата, но и поттикнување на туризмот. Земјата ги воведе некои од најстрогите ограничувања за патување на светот во март 2020, на самиот почеток на пандемијата.
На Австралијците и на некои други им беше дозволено да се вратат од крајот на минатата година, но најголем дел од странците уште мораа да чекаат.
Целосно вакцинираните патници не одат во карантин, а оние кои не се вакцинирани прво мора да престојуваат во хотел 14 дена на свој трошок.
Денеска требаше да слетаат повеќе од 50 меѓународни летови. Странците можат да влезат во сите сојузни држави со исклучок на Западна Австралија, која останува затворена до 3 март.
„Колку прекрасна, прекрасна вест за нашата туристичка индустрија и за нејзините 660.000 вработени“, изјави министерот за трговија, туризам и инвестиции Ден Техан.
Во 2019, Австралија ја посетиле 9,5 милиони странски туристи.