МЕДИЦИНСКИ ОТПАД НА ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ВЕЌЕ НЕ СЕ ГОРИ ТУКУ СЕ СТЕРИЛИЗИРА

    МЕДИЦИНСКИ ОТПАД НА ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ВЕЌЕ НЕ СЕ ГОРИ ТУКУ СЕ СТЕРИЛИЗИРАСтерилизаторот стигна на депонијата пред речиси две години, но досега не беше ставен во функција бидејќи се градеше објектот каде е сместен.(Фото: Град Скопје)

    Медицинскиот отпад на депонијата „Дрисла“ ќе се уништува во новиот стерилизатор. Со тоа отсега медицинскиот отпад нема да се гори во старата печка која често со споменуваше како извор на загадување туку ќе се уништува со примена на најсовремени технологии.

    Стерилизаторот стигна на депонијата пред речиси две години, но досега не беше ставен во функција бидејќи се градеше објектот каде е сместен автоклавот, лабораторија и работни простории, со водоводна и канализациона мрежа, мрежа за доводен високонапонски кабел, оптички кабел за интернет, оптички кабел за видео надзор и напонски кабел за осветлување до просторот за инсталација на автоклавот.

    „Овој иновативен систем на обработка во себе има шредер што го намалува и до 80% волуменот на отпадот. Во него се врши шредирање и стерилизација на отпад со висок, потенцијално висок, или патоген ризик, како што се игли, шприцеви, завои, гази, сечила, стакло, катетри, вреќи со крв, туби за крв, канили и друг отпад од работењето на клиниките, болнички центри, болници, ветеринарни болници и лаборатории. Ги исполнува сите европски стандарди за животна средина“, рече директорот на ЈП „Дрисла“ Јане Мицевски.

    Стерилизаторот има капацитет од 2.000 литри односно може да третира отпад од 350 килограми на еден час и ги задоволува целосно дневните потреби на депонијата.

    „За Скопје веќе е минато согорувањето на медицински отпад. Нема повеќе да бидеме сведоци на неодговорно и несовесно постапување со медицинскиот отпад што завршуваше на депонијата Дрисла како обичен отпад. Со овој тип на обработка на медицински отпад по најсовремени стандарди се штити животната средина, а во исто време се штеди потрошувачката на вода и енергија“, изјави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

    Депонијата „Дрисла“ од пред две и пол години повторно е во владение на Град Скопје, откако во време на ексградоначалникот Петре Шилегов беше раскинат договорот за концесија со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенти“ склучен во време на градоначалникот Коце Трајановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира