Луан Старова, писател, есеист и дипломат, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), почина денеска на 81 година, објави семејството. Погребот ќе биде утре, на градските гробишта Бутел во Скопје од 13 часот.
Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а од 1943 семејството се преселило во Струга, во Тетово и од 1945во Скопје. По дипломирањето, во 1967 се вработил во Радио Скопје како новинар, а наредната година станал главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје. Постдипломски студии учел во Загреб, каде ја одбранил магистерскиот труд „Балканот во прозата на Гијом Аполинер“. На специјалистички студии бил во Париз. Во 1974 бил избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата француски јазик и книжевност. Во 1978 во Загреб ја одбранил докторската дисертација. Во 1979 бил избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, и член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“.
Во 1985 бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на Катедрата на романски јазици и книжевности. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Редовен член е на МАНУ од 2003.
Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.
Добитник е на државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и на наградите „Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 за „Потрага по еден Лејбовиц“ и други. На 19 јуни 2003 година бил прогласен за почесен граѓанин на Поградец, а од 2006 е почесен член на Албанската академија на науките. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант (во редот) на уметностите и на книжевноста“.