Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека главниот град Киев утрово бил цел на руски ракетни напади, додавајќи дека биле погодени и воени и цивилни цели. Снимките од Киев покажуваат оштетени станбени згради, а министерството за внатрешни работи кажа дека еден руски авион се урнал во населбата Дарницки.
Зеленски кажа дека владата има информации дека субверзивни групи навлегле во Киев, додека државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека градот би можел да се најде под опсада, што се сфаќа како обид на Владимир Путин да ја собори украинската влада и да постави свој режим.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека руските трупи кои навлегуваат од Белорусија се на само 30-ина километри од Киев.
„Порано или подоцна, Русија ќе мора да разговара со нас како да ја запре инвазијата. Колку порано почнат разговорите, толку помали ќе бидат руските загуби. Додека не запрат нападите, ние ќе ја браниме нашата земја“, изјави Зеленски, кој синоќа прогласи општа мобилизација.
Тој потврди дека досега загинале 137 Украинци, а 316 се повредени.
Русија вчера почна целосен напад на Украина, лансирајќи воздушни напади врз градовите и воените бази, додека трупите и тенковите напредуваат од повеќе насоки. Путин ги игнорираше осудите и санкциите од целиот свет и ја почна најголемата копнена војна во Европа во последните неколку децении. Тој се закани со последици какви што досега не се видени ако некоја држава се вмеша во руските акции.
Украинските власти кажаа дека нивните сили се борат на повеќе фронтови и признаа дека ја изгубија контролата врз некогашната нуклеарна централа во Чернобил. Зеленски прогласи воена состојба и ја опиша ситуацијата во вториот најголем град Харков како многу тешка.
Извештаите велат дека под силен напад бил и Мариупол, најголемиот украински пристаништен град на Азовското Море. Ако Русите го заземат, тоа ќе им обезбеди директна копнена маршрута кон Крим.
САД и сојузниците од НАТО се децидни дека нема да праќаат трупи во Украина и место тоа, го засилуваат своето присуство во источна Европа.