ДВАЈЦА ПРОВАЛНИЦИ НА БИТОЛЧАНЕЦ МУ УКРАЛЕ 6 БАС ГИТАРИ, „ПОРШЕ“ И „БМВ“ ДОДЕКА ПОРАДИ КОВИДОТ НЕ МОЖЕЛ ДА СЕ ВРАТИ ОД АМЕРИКА

    ДВАЈЦА ПРОВАЛНИЦИ НА БИТОЛЧАНЕЦ МУ УКРАЛЕ 6 БАС ГИТАРИ, „ПОРШЕ“ И „БМВ“ ДОДЕКА ПОРАДИ КОВИДОТ НЕ МОЖЕЛ ДА СЕ ВРАТИ ОД АМЕРИКАПокрај двете возила, провалниците украле и спортски седишта за "Порше". - Битола (Фото: СДК.МК)

    Два провалника, од кои едниот е уапсен и притворен, на битолчанец кој година дена не можел да се врати од САД поради пандемијата со коронавирус, цела година си краделе кај него дома. Покрај гитари и други предмети, му украле и автомобили „порше кајман с“ и „бмв х3“.

    „Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени дека сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 2 во врсkа со став 1 точка 1 и во врска со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик.

    На точно неутврден датум во периодот меѓу 23.02.2020 година и 12.07.2021 година, двајцата осомничени соизвршители провалиле во заклучен стан чиј сопственик подолго време не можел да се врати во државата од САД поради пандемијата на ковид-19. Во претсобјето на станот на улицата ‘Борис Бастеро’ во Битола ги пронашле клучевите од станот и од гаражите, па во повеќе наврати се враќале и одземале предмети, меѓу кои шест бас гитари, автомобил ‘порше кајман с’ и автомобил ‘БМВ Х3’, спортски седишта ‘порше’ и други предмети, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист во вредност од 4.522.457 денари“, вели обвинителството.

    При претрес, шесте одземени гитари биле пронајдени и вратени на сопственикот, додека се преземаат дејствија за пронаоѓање и на останатите предмети. Притоа едниот осомничен бил лишен од слобода, додека другиот е во бегство.

    „Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена, а за осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, наведува обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира