Западот и неговите институции, посебно НАТО, требаше да преземат поодлучни чекори во врска со руско-украинската криза, кажа турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, додавајќи дека на украинскиот претседател Володимир Зеленски му потребна поконкретна поддршка од советите што ги добива од западните престолнини.
Изјавата Ердоган ја даде неколку часа пред денешниот виртуелен состанок на лидерите на НАТО на кој треба да се дискутира за мерките што алијансата ќе ги преземе во врска со руската инвазија на Украина.
„НАТО требаше да преземе поодлучни чекори. ЕУ и остатокот од Западот не успеаја да покажат одлучен и сериозен став. Тие ѝ даваат многу совети на Украина. Не е можно да се добијат резултати со овие совети“, изјави Ердоган за турските новинари.
САД, ЕУ и Велика Британија веќе објавија дека воведуваат санкции против Русија, но Зеленски кажа дека се оставени сами против Русија. Украинскиот претседател го критикуваше Западот дека доцни со понудите за конкретна помош.