Владимир Путин ја повика украинската војска да ја преземе власта во земјата, додека руските сили напредуваат кон центарот на Киев.
Зборувајќи пред рускиот Безбедносен совет, Путин кажа дека неонацисти и Бандерити, со што алудираше на антисоветскиот борец од Втората светска војна Степан Бандера, имаат поставено тешко вооружување во градовите, вклучувајќи ги Киев и Харков и дека користат жени и деца како жив штит.
„Тие се однесуваат како терористи низ светот и се кријат зад луѓе, со цел да ги обвинат Русите дека предизвикуваат цивилни жртви меѓу мирното население. Познато е дека сето тоа се случува на препорака на странски советници, првенствено американски“, кажа Путин.
Тој потоа им се обрати на украинските вооружени сили.
„Не дозволувајте неонацисти и Бандерити да ги користат вашите жени и деца и старите како жив штит. Земете ја власта во вашите раце. Мислам дека вие и ние полесно ќе се договориме отколку со онаа банда на наркомани и неонацисти во Киев“, рече Путин.
Кремљ додаде дека е подготвен за разговори со Украина во Минск.
Додека руските сили напредуваат кон Киев, владата ги повика граѓаните да земат оружје и да им се спротивстават на руските трупи. Советникот на министерот за внатрешни работи Вадим Денисенко кажа дека се поделени 18.000 автоматски пушки на доброволци во Киев.
Градоначалникот Витали Кличко кажа дека Киев е во одбранбена фаза, а во градот влегоа оклопни возила на украинската војска.