НАШАТА ИЗЛОЖЕНОСТ КОН ЕКОНОМИИТЕ НА РУСИЈА И УКРАИНА Е МАЛА, СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ПОД ЕДЕН ПРОЦЕНТ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    НАШАТА ИЗЛОЖЕНОСТ КОН ЕКОНОМИИТЕ НА РУСИЈА И УКРАИНА Е МАЛА, СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ПОД ЕДЕН ПРОЦЕНТ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИНема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции со Русија и Украина се под 1 процент од вкупните вредности, рече премиерот. (Фото:Јутјуб/ Принтскрин Влада)

    Силно осудувајќи ја воената агресија на Русија врз Украина, премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање кажа дека безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, во овој момент не постои никаква директна закана за неа, но има закана за економијата.

    „Граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние можеме да ја уживаме и да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Затоа, ве уверувам дека нашата состојба е безбедна“, рече Ковачевски.

    Предизвиците доаѓаат на економски план.

    „Поради воената агресија на Русија врз Украина, глобалната економска и енергетска криза сега се продлабочува. Нè очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и во светот ќе претрпат штети. Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во европските и светските економски текови и како и досега, ќе делува одговорно и во најдобар интерес на заштитата на интересите на граѓаните. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите, финансиски ги поддржуваме компаниите“, рече тој.

    Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала, продолжи Ковачевски.

    „Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1 процент од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачувањето на цените на основните прехранбени производи и енергенсите, што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Секојдневно ја следиме ситуацијата со снабдувањето со струјата, гасот и енергетиката во економијата, како во земјата, така и во регионот“, вели премиерот упатувајќи апел:

    „Сите институции од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат, со цел амортизирање на негативните последици од кризата“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира