ТУРИСТИЧКИТЕ РАБОТНИЦИ ОЧЕКУВААТ ШТЕТИ ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

    ТУРИСТИЧКИТЕ РАБОТНИЦИ ОЧЕКУВААТ ШТЕТИ ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО УКРАИНАУкраинските туристи изминативе две сезони беа присутни во Охрид. (архивска фотографија)

    Војната во Украина ќе ја продлабочи глобалната економска и енергетска криза, а како последица на тоа туризмот ќе претрпи огромни штети, сметаат туристичките работници од Охридско-струшкиот регион. Според нив, војната во Украина ќе се одрази и кај нас, не само по бројот на туристи, туку и врз нивната потрошувачка моќ.

    „Воената криза во Украина секако ќе се одрази кај нас не само по бројот на туристи кои би дошле туку тоа влијае врз поскапувањето на енергенсите, поскапува сè, а со тоа се намалува моќта на секој турист од било која држава да потроши и да направи одмор од 15- 20 дена. Во ваква состојба ќе направи одмор од 5 дена. Се намалува куповната моќ кај народот и ќе биде многу тешко за нас да направиме цени со кои би можеле да сме атрактивни и да направиме обрт и да плаќаме плати и скапа струја и скапи производи“, вели претседателот на Хотелската асоцијација ХОТАМ, Крсте Блажески.

    Украинските туристи пред војната имале интерес за летување на охридско-струшката ривиера, но сега неизвесноста е голема, смета Климент Наумов, претседател на Здружението на туристички водичи. Наумов очекува компромис и разум кај големите сили да ја решат состојбата на маса.

    „Украинските туристи изминативе две сезони беа присутни во Охрид. Доаѓаа директно во договор со локални туроператори но и преку туристички агенции од регионот, од Албанија која важи за летна туристичка дестинација која успеа да привлечи голем број на клиентела од Полска, Холандија но и од Украина. Да се надеваме дека состојбата нема да ескалира и за брзо ќе дојде до примирје и ќе се затиши оваа состојба. Доколку состојбата ескалира последиците би биле незамисливи. Иако се наоѓаме многу далеку ќе бидеме директно погодени и едноставно ќе се соочиме со дополнителни загуби доколку ескалира воената состојба помеѓу Русија и Украина“, вели Наумов.

    Доколку има потреба, хотелиерите се спремни да ги отворат вратите за бегалците од Украина.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира