Од денеска нема да има повеќе ограничувања за влез во Италија, ќе може да се влезе и за туристички патувања, со приложување на европскиот ковид сертификат за вакцинација со една од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), соопшти италијанската амбасада, во Скопје.
Алтернативно, ќе може да се влезе во Италија и со потврда/сертификат за оздравување или со негативен молекуларен или антигенски тест, од кој во секој случај се ослободени децата на возраст под 6 години. При влез во Италија задолжително треба да се приложи и дигиталниот формулар за лоцирање патници (PLF – Passenger Location Form).
„Италија донираше во Македонија 250.000 дози од вакцината на ‘Фајзер’, што им овозможува на оние кои сè уште не го сториле тоа да го завршат циклусот, зголемувајќи ја заштитата на населението“, вели Амбасадата.
На 31 март се очекува да заврши вонредната состојба во Италија.