Локалните власти на Мариупол ја одложија планираната евакуација и ги повикаа жителите да се вратат во скривниците, зашто, како што кажаа, руските сили не го почитуваат примирјето и продолжуваат да го гранатираат градот.
Русија и Украина утрово договорија да се отворат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од Мариупол и Волноваха, кои со денови се окружени од руските сили и интензивно се бомбардираат. Тоа требаше да биде придружено од привремен прекин на огнот, при што беше кажано дека жителите на Мариупол имаат пет часа за да го напуштат градот, по точно одредена маршрута кон северозападниот град Запорожје.
Заменик-градоначалникот на Мариупол, Серхиј Орлов, изјави дека и патот кон Запорожје не е безбеден.
„Русите не го почитуваат примирјето и продолжуваат да го уништуваат Мариупол. Затоа решивме да ги вратиме жителите во скривниците оти на улиците не е безбедно“, изјави Орлов.
Во меѓувреме, руската агенција РИА Новости објави дека руското Министерство за одбрана тврди оти од Мариупол и Волновака се пука врз руските позиции.