ВЛАСТА РАСПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА 7 ЕВРА ПО ЦЕНОВНИК НА ГРУЕВСКИ ОД 2011, ШТО СДСМ ШЕСТ ГОДИНИ НА ВЛАСТ НЕ ГО ЧЕПНА ИАКО ГО КРИТИКУВАШЕ

    ВЛАСТА РАСПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА 7 ЕВРА ПО ЦЕНОВНИК НА ГРУЕВСКИ ОД 2011, ШТО СДСМ ШЕСТ ГОДИНИ НА ВЛАСТ НЕ ГО ЧЕПНА ИАКО ГО КРИТИКУВАШЕПред Нова година Министерството за финанси донело одлука за приватизација на државно земјиште во Капиштец по цена од 7 евра на бизнисменот Фатмир Етеми. (Фото: СДК.МК)

    Цената по која се приватизира државно земјиште од 7 евра по метар квадратен е донесена во 2011 од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Со „Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште“, цената за метар квадратен земјиште во Општина Центар,  за изградба на комерцијални деловни објекти изнесува 438 денари.

    СДСМ, пак, 6 години е на власт и ништо не направи за да ја смени оваа одлука, па и оваа власт приватизира државно земјишта за истата цена, како што е последниот случај со парцелата спроти зградата на поранешна „Нова Македонија“ во центарот на Скопје продадена на бизнисменот Фатмир Етеми.

    Како што објави редакцијата „Само прашај“ компанијата „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Етеми успева да се стекне со сопственост на атрактивна парцела по цена од 7 евра за квадрат кај поранешен Цветен пазар во скопски Капиштец. Државното земјиште е приватизирано по багателна цена со одлука на Министерството за финансии и министерот Фатмир Бесими пред Нова година, односно на 29 декември. Оваа парцелата во 1930-те години била во сопственост на Југословенската државна железница, а потоа станала државна сопственост. Откако Етеми ги купил останатите околни парцели од приватни сопственици, успеал од државата да ја добие и оваа парцела. Со тоа, тој сега е единствен сопственик на парцелите каде според Деталниот урбанистички план се предвидува изградба на станбена зграда и хотел од 15 ката.

    За продажбата на оваа парцела денеска меѓусебно се обвинуваа ВМРО-ДМПНЕ И СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција кажаа дека СДСМ продолжува со бетонизацијата на Скопје и после продажбата на државното земјиште спроти „Холидеј ин“, сега продава уште една атрактивна парцела во центарот на градот.

    Од СДСМ одговорија дека цената за земјиштето спроти зградата на „Нова Македонија“ е формирана од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со потпис на Никола Груевски и дека сегашната состојба во Скопје е последица на нивното долгогодишно узурпирање на Центар. Од владејачката партија најавија дека „ќе се преземат чекори за промена на сите закони и уредби од времето на ВМРО-ДПМНЕ кои уште предизивкуваат штета, вклучително и споменатата“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира