СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА И КЕЈ ВО ВЕЛЕС

    СО ЕВРОПСКИ ПАРИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА И КЕЈ ВО ВЕЛЕССо посебен проект е предвидено уредување на централното градско подрачје (Фото: СДК.МК)

    ЕУ ќе му помага на Велес со три капитални проекти. Сите проекти се во најава, но со потпишани договори. Брисел ќе финансира изградба на пречистителна станица со колекторски систем вредна 24 милиони евра. Вториот проект е изградба на кеј на Вардар вреден 440.000 евра, а третиот е уредување на централното градско подрачје (750.000 евра).

    „Разговаравме и за регионална депонија за отпад, проект кој се работи со Министерството за животна средина. Во зградата на поранешното кино ќе биде отворена најголемата ЕУ куќа во Македонија. Таму младите ќе имаат соодветно место за творење и реализација на нивните проекти. Се надевам дека до крајот на годината ќе се реализира“, рече Марко Колев, градоначалникот на Велес.

    Кејот од десната страна на Вардар ќе биде во должина од 160 метри, од мостот „Гемиџии“ до Мало мовче и 40 метри од левата страна. Општина Велес треба да учествува со 66.000 евра, за што веќе има одлука на Советот. Предвидено е поставување на седум киосци за традиционални производи и сувенири. Овој проект се финансира со збратимениот грчки град Термаикос.

    Со новата пречистителна станица треба да се прифатат сите отпадни води од левата страна на Вардар и да се постави цевка под реката, близу автобуската станица, за да се префрлат на другата страна од реката. Потоа со колектор, заедно со тие од десната на градот, да се носат под Крзнарата. Со основниот проект е предвидено да се прифатат отпадните води и од блиските села, вклучувајќи го Горно Оризари. Изградбата би почнала следната година.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира