ПРОНАЈДЕНА ЕДНА ЦРНА КУТИЈА ОД ПАДНАТИОТ КИНЕСКИ АВИОН, НО МНОГУ Е ОШТЕТЕНА

    ПРОНАЈДЕНА ЕДНА ЦРНА КУТИЈА ОД ПАДНАТИОТ КИНЕСКИ АВИОН, НО МНОГУ Е ОШТЕТЕНАВластите велат дека истрагата ќе биде многу тешка зашто авионот е претворен во парчиња (Фото: АП)

    Кинеските власти кажаа дека е пронајдена една од двете црни кутии од паднатиот авион на „Чајна истерн ерлајнс“, додавајќи дека поројниот дожд ја отежнува истрагата. Кутијата била толку оштетена што не можело да се каже дали станува збор за снимач од кокпитот или за снимач на податоците на летот.

    „Ќе преземеме сè за да ја најдеме и другата црна кутија“, изјави Мао Јанфенг, директорот на одделот за истражување несреќи во Агенцијата за цивилен авиосообраќај на Кина.

    Во авионот „боинг 737-800“, кој се урна завчера, имало 123 патници и девет члена на посадата и засега нема назнаки дека некој ја преживеал несреќата, ниту се пронајдени тела. Нејасно е и зошто авионот почнал нагло да паѓа, пред да удри во планина во јужна Кина.

    Авионот бил во воздух околу еден час и се ближел кон својата дестинација, кога нагло изгубил висина. Според сајтот „Флајтрадар24“, авионот летал на височина од 8.800 метри, но две минути и 15 секунди подоцна бил регистриран на само 2.760 метри.

    Шумскиот терен се пребарува со рачни алатки, дронови и кучиња и властите велат дека истрагата ќе биде многу тешка, зашто авионот е целосно уништен и претворен во парчиња. Досега се пронајдени само лични предмети на патниците, како паричници и кредитни картички.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира